Моето посебно дете е мој благослов

Не можам да поверувам колку многу дебати има низ интернет за дали нашите посебни деца се благослов или не. Некои дури ги нарекуваат “товар“ и слично. Имам огромно разбирање за различните мислење на другите луѓе. И знам дека сечиј поглед на свет зависи од нивните верувања и систем на вредности.

Постојат луѓе кои не се родители, а веруваат дека посебните деца се “товар“. Некои имаат веќе возрасни посебни деца и велат дека веќе им е премногу во оваа фаза во животот и тешко се носат со ситуацијата. Никого не осудувам: различни луѓе – различни мислења.

Јас сум некој кој го живее фактот со целото мое битие, од дното на моето срце, дека мојата керка Јоана, е мој најголем благослов.

Во овој текст ќе објаснам зошто ова не е само позитивна мантра која си ја кажувам за да се чувствувам подобро, или да се прикажам себе во “подобро“ светло (да се покажам во подобро светло... кому?).

Некаде прочитав коментар дека родителите даваат изјави како “моето посебно дете е мој благослов“ за да направат позитивен приказ на трагична ситуација (?).

Видете, мора да бидеме на чисто за некои работи. Ако јас или некој друг тврди дека моето дете е благослов, тоа не значи дека уживам секоја секунда од искуството; не значи дека посакувам моето дете да биде такво засекогаш; и не значи дека ако имав моќ да ја излечам комплетно дека немаше тоа да го направам. Тоа не значи дека сум мазохист кој ужива да биде во ... па ајде помеко да се изразам и да кажам “проблематична ситуација.“

Туку, кога ќе кажам дека моето дете е благослов во мојот живот, со тоа мислам дека поради мојата желба да и’ помогнам, и многуте чекори кои моравме да ги преземеме (како долги болнички престои, или безброј саати поминати на терапии), наидував на многу можности. Мојот живот се подобри на многу нивоа и не знам како истиот ќе изгледаше ако не искусев ништо од ова.

Верувам од дното на срцето дека нејзините предизвици се благослов за неа и за мене. Тоа е моето искуство со моето дете. Таа не вербализира и не можеме да знаеме што би кажала за нејзиното искуство ако би имала интелектуални сфаќања и би се изразила со зборови.

Но наместо неа можам да кажам дека заради состојбата во која што е, таа ја доби најдобрата верзија од мене. За ова можам и да потпишам ако треба.

Од мене доби безусловна љубов, нежност и внимание. Доби некој кој е секогаш покрај неа (и ужива во тоа). Таа ме направи подобар човек од многу различни аспекти. Заради неа станав неверојатна во планирање и организирање, одговорна, брза, флексибилна, приспособлива, сочувствителна и полна со разбирање. Таа доби мајка која е одлична со други луѓе, која може да процени карактери и да го види и извлече нејдоброто од луѓето. Ова се должи на фактот што постојано комуницирав, дебатирав и координирав помеѓу многу доктори, терапевти, сестри и други.

Ова го пишувам за луѓето кои вистински сакаат да слушнат и разберат како нечија најголема трагедија може да се претвори во најголем благослов.

Ако мислите дека родителите на посебни деца треба да бидат сожалувани од другите, тоа само значи дека вие ако сте во иста ситуација мислите дека луѓето треба да ве сожалуваат вас.

Секогаш кога некој изразува мислење за другите, всушност зборува за себе. Значи, мислиш ли дека посебно дете не е благослов туку несакана трагична ситуација? Тоа значи дека ТИ не би успеал да видиш благослов во тоа, ако си на мое место. Ти верувам за тоа.

Јас велам, дека за мене не важи изразот “товар“. Заради мое добро секогаш сум искрена со себе и моите чувства. И заради мое добро не сакам ништо да потиснувам и се справувам со секоја емоција во моментот. И сигурно не сум воопшто заинтересирана да градам некој имиџ на оптимист, ако не се чувствувам оптимистично.

Во првите четири години тагував, имав негативни емоции и живеев сценарио на жртва. И после две години личен раст и развој, можам да кажам дека секоја клетка од моето тело е благодарна за Јоана. Благодарна сум за мојот живот и за сите можности кои ги имав и се уште ги имам на нашето патување. Благодарна сум за сите искуства, сите надминати препреки, за силата која ја добив, за сите подобрувања на мојата личност што мораше да ги направам за да бидам најдобра за неа и за целото семејство.

Си го знам патот кој го поминавме, се’ што се случи, се што надминавме како семејство и знам каде тоа не’ донесе. Ќе беше ли подобро ако Јоана беше “регуларно“ дете? Кој знае? Не знам што ќе се случеше ако работите беа поинакви на почетокот.

Дали сакам да се пронајде лек за оштетен мозок? Да! Се разбира. Сакам овов миг да биде подобра и подобра и евентуално потполно да оздрави.

Но ако тоа не се случи, моите емоции нема да се променат. И понатаму ја гледам како благослов. Знам дека таа е благослов. Таа ме движи, ме инспирира, ми дава смисла и радост.

На секој човек му треба раст, стимулација и смисла. Без тие три нешта се запаѓа во летаргија па дури и депресија.

Епа, таа е мојата стимулација која ме тера на раст и му дава огромно значење на мојот живот.

И таа е директна причина што денес сум во состојба да им помогнам на толку многу луѓе преку мојата работа.

Потполно го разбирам секој кој мисли поинаку. Без разлика дали сте родители или сте родители на посебно дете и ви е преку глава и верувате дека ова е клетва. Ве разбирам.

Ние само имаме различни искуства.

Ви посакувам се’ најубаво, до следниот текст.

 

Додај коментар